• Избор на јазик:
  • MK
  • EN
  • SR

ПРАШАЊЕ: Дали кај вас може да се набави Хелда и ве молам да упатство за подготовка и корисење? 

Одговор од медицинскиот тим на Виталиа: Иако Хелдата ботанички не припаѓа во групата на житарките, сепак е вклучена во нив поради сличноста на биолошкиот состав и улогата во исхраната што ја имала и се уште ја има во некои земји во светот. По потекло е од Азија и Сибир каде што се користела како основна храна во вид на каши. Има висока енергетска вредност, содржи висок процент на протеини 11.7%, јаглени хидрати 72.9%, растителни масла 2.4%, минерали посебно калиум (448мг), фосфор (282мг) и калциум (114мг), а има и железо, натриум и магнезиум.Исто така ги има скоро сите витамини од Б групата и значајни количини нијацин. Доста е калорична – 100гр.содржи 335 калории.

Кај нас хелдата е скоро непозната култура, ја одгледуваат само ретки поединци. Во земјите каде што се одгледува на поголеми површини (некои земји од бившиот Советски Сојуз, Словенија и др.) од неа се готват вкусни јадења, пред се каши. Во настојувањата да се обезбеди што поразнообразна природна интегрална храна, хелдата има свое место во исхраната на човекот, зашто со неа се збогатува учеството на протеини и други корисни компоненти од растително потекло. Според некои податоци, хелдата кај нас се одгледувала во Источна Македонија и се користела во исхраната. Според тоа хелдата успева и кај нас.Специјалистите од аграрот тврдат дека оваа култура не бара посебни услови за одгледување, туку успева и на посиромашно тло. Периодот на нејзината вегетација е релативно кус па таа созрева и тогаш кога се сее по завршената жетва на некои житарки. Не треба да се занемари и улогата на хелдата како значајно медоносно растение. Хелдата на едно стебленце има и до 2000 крупни, мирисни, цветови со различна боја, па е доста омилена кај пчелите.

Во Словенија во региони каде се одгледува на поголеми површини е познат квалитетен мед од хелда. Еден од значајните квалитети на хелдата е лесната сварливост, што ја прави идеална храна во диети кај лица со заболени органи за варење. Овие лица имаат проблеми со варењето на лепливата протеинска материја во житарките – глутенот најмногу застапен во пченицата односно пченичното брашно, лебот и слично. Лековити својства на хелдата: ја јакне отпорноста на капиларите и влијае на намалување на висок крвен притисок, спречува крварење, помага кај болести на желудникот, паразитски заболувања, болести на кожата и пролив.

Од хелдата се приготвуваат разни јадења. Се произведува и квалитетно брашно од кое се прави качамак, каши, леб или печива со комбинирано брашно од хелда и пченица и др.

Каша од хелда

Продукти: 1 чаша хелда во зрно, 1 чаша кисело млеко и 1 лажиче зејтин. 

Приготвување: Хелдата се чисти од примесите, се мие и се става неколку часа во вода да набабри (може и од вечер). Наутро се вари во 1 литар вода. Повремено се меша. Кога добро ќе смекне се посолува и се додава 1 лажиче зејтин. Пред сервирањето, киселото млеко се мати со жица и со мешање се додава во хелдата. Наместо кисело млеко може да се додадат 2 лажици кисела павлака.

Каша од хелда (за стимулирање на функцијата на органите за варење)

Во 1 литар зовриена, посолена вода се става 1 чаша брашно од хелда (изматено во малку студена вода). Се вари со мешање 10-15 минути на многу тивко, за да не загори. Потоа се додава 1 лажица зејтин и се меша. Кашата се служи со млеко, јогурт или кисело млеко. Се препорачува нејзино почесто консумирање заради регулирање на столицата.

Оброк со хелда

Продукти: 2 лажици хелда, 1 лажица лупен овес, 1 лажица сусам, 1 рендано јаболко или друго сезонско овошје, 1 лажиче мед, 1 лажиче свеж квасец, 1 чаша јогурт или кисело млеко 

Приготвување: Зрнестите продукти се чистат од примесите, се мијат низ цедило и се сушат во суво платно. Потоа се миксираат во миксер за зрнеста храна. Квасецот се раздробува и се прелива со малку зовриена вода. Сите состојки се мешаат со јогуртот.

Хелдата може да ја набавите во нашата продавница на улица 50 Дивизија број 16.

Доколку имате дополнителни прашања слободно контактирајте не на е-маил адресата contact@vitalia.com.mk или на телефонскиот број 02 3 217 177.